Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте нагласи дека на воената алијанса ѝ е потребно зголемување на воздушната и ракетната одбрана за 400 проценти, што е еден од приоритетите на самитот на воената алијанса во Хаг овој месец.
– Факт е дека ни е потребен квантен скок во нашата колективна одбрана. Факт е дека ни требаат повеќе сила и способности за целосно да ги спроведеме нашите одбранбени планови. Факт е дека заканата нема да исчезне дури ни кога ќе заврши војната во Украина – изјави генсекот на воениот сојуз.
За денеска, 9 јуни, предвидена е средбата на Руте со британскиот премиер Кир Стармер во Даунинг стрит.
Руте врши притисок врз членовите да ги зголемат воените трошоци на 3,5 проценти од БДП и да издвојат дополнителни 1,5 проценти за пошироки трошоци за безбедност за да се исполни барањето на американскиот претседател Доналд Трамп за цел од 5 проценти.
Минатиот месец, тој рече дека очекува целта да биде договорена на самитот на 24 и 25 јуни.