Актерката Марис Випани, позната по улогата на Ели во третата сезона од британската серија „Војник-војник“, почина на 61-годишна возраст, токму на нејзиниот роденден. Во текот на својата богата кариера, публиката имаше можност да ја запознае преку серии како „Зена: Принцеза-воин“, „Херкулес“ и „Улица Шортленд“.
Веста за нејзиното заминување беше потврдена со емотивна порака на нејзината официјална фејсбук-страница:
„Марис почина мирно денеска, на својот 61-ви роденден, опкружена со семејството и пријателите. Таа само сакаше да каже… Го напуштив овој свет. Збогум, со среќа, Боже мил!“
Причината за смртта засега е непозната, а бројни колеги и пријатели се збогуваат со актерката. Џеј Лага’аја, нејзин колега од серијата „Војник војник“, беше меѓу првите што се огласи, кој испрати трогателна порака:
„Толку си млада… Ќе ми недостасуваш. Работевме заедно многупати и секоја средба со тебе ми носеше радост. Среќен пат сестро, секогаш ќе имаш посебно место во моето срце.“
Да потсетиме, Марис пораснала во Понсомби, како едно од петте деца. На 18-годишна возраст, таа се преселила во Крајстчерч, каде што продуцентот на изборот за Мис Нов Зеланд ја забележал и ја охрабрил да се пријави. Таа го освоила второто место – веднаш зад нејзината пријателка Лорејн Даунс, која подоцна станала Мис Универзум, објавува „Дејли мејл“.
Марис признала години подоцна дека била среќна што не победила. Во својот духовит и искрен стил, таа изјавила за „Нов Зеланд хералд“:
„О, не, тоа би бил мојот најлош кошмар. Избегнав куршум… Воопшто не размислував за победа. Само сакав да патувам и да заработам пари.“
Таа беше позната и како Девојката од Лото.
Нејзината скромност, весел дух и природна топлина ја одбележаа не само нејзината кариера, туку и сите оние што ја познаваа.