Рејксмузејот во Амстердам изложува кондом стар речиси 200 години, на кој се прикажани калуѓерка и тројца свештеници.
Кондомот, за кој се верува дека е направен од овчо црево, би можел да биде сувенир од бордел, соопшти музејот.
Се знае дека преживеале само два од ваков вид. Цртежот од 1830 година на кондомот прикажува калуѓерка која седи со раширени нозе пред тројца свештеници, со прст насочен кон еден од нив.
Музејот вели дека цртежот веројатно бил наменет како пародија на сексуалната апстиненција што се бара од свештениците во Католичката црква.
Дел од изложба за сексуалноста и проституцијата во 19 век
Кондомот може да се гледа како дел од изложба за сексуалноста и проституцијата во 19 век, која е отворена до крајот на ноември.
„Тој ја покажува и разиграната и сериозната страна на сексуалното здравје“, изјави музејот за кондомот.
Во тоа време, потрагата по задоволство одеше рака под рака со стравот од сексуално преносливи болести, особено сифилис и несакана бременост.