90-минутните преговори завршија со договор за размена на воени заробеници и деца

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Втората рунда директни преговори помеѓу руската и украинската делегација во палатата Цираган во Истанбул заврши за нешто повеќе од еден час. Би-Би-Си пишува дека руската страна одбила безусловен целосен прекин на огнот, додека главниот руски преговарач предложил примирје од 2-3 дена за да се соберат телата на мртви војници кои би биле дел од поголема размена.

Според предводникот на руската делегација во Истанбул, Владимир Медински, Русија и Украина договориле нова смена на воени затвореници, борци под 25 години и на болни и тешко ранети затвореници. Тој истакна дека размена на болни и тешко ранети затвореници е договорена врз основа на принципот „сите за сите“.

Медински пред новинарите рече дека Русија ѝ предала на Украина нацрт-меморандум со предлог за мирно решавање на конфликтот.  Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Георги Тики, вели дека го добиле меморандумот од Русија, но треба да го „проучат“ пред да одлучат за „понатамошни чекори“. Тој додава дека би било „неодговорно“ да коментираат пред да го разгледаат.

Тики вели дека повеќе состаноци имаат смисла ако тие отворат пат за средба на Зеленски и Путин. Тој додава дека Украина е подготвена за „целосен прекин на огнот“.

– Можете да ги натерате дипломатите да зборуваат кога оружјето молчи. Русија продолжува да го отфрла тоа – вели Тики.

Заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Сергеј Кислица, изјави дека руската страна продолжува да го отфрла безусловното примирје.

Во врска со размената на заробеници, според главниот руски преговарач Медински, на разговорите бил постигнат договор Русија следната недела да ги предаде останките на 6.000 мртви украински војници, за да можат да бидат достоинствено погребани. За да ги собере телата на загинатите, од хигиенски причини, Русија предложи привремени прекини на огнот од 2-3 дена на одредени делови од фронтот.

– Москва и Киев ќе разменуваат борци под 25 години. Ќе се формира комисија за размена на тешко ранети војници без политички одлуки. Русија ѝ понуди на Украина „конкретен прекин на огнот“ во траење од два до три дена на одредени делови од фронтот – изјави пратеникот на рускиот претседател Путин по средбата на двете делегации.

Би-Би-Си пишува дека шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак, изјави дека Украина ѝ предала на Русија список на деца кои „треба да бидат вратени“ за време на денешниот состанок. Тој сугерира дека ова се однесува на „стотици“ деца, нагласувајќи дека нивното враќање е „составен дел“ од постигнувањето мир на долг рок.

- Advertisement -
Ad image

– Топката е на теренот на Русија. Вистинската добра волја не е со зборови, туку со дела. И сега е време да се докаже тоа.

Медински во врска со наводите на украинската страна рече дека нема киднапирани деца, туку дека има деца кои биле спасени од руски војници.

– Русија ќе ги врати децата во Украина доколку бидат пронајдени нивните родители или законски застапници. Руската Федерација ќе ја разгледа секоја ситуација на украинскиот список на деца кои го изгубиле контактот со своите родители. Неодамна, руската страна врати 101 дете, а украинската страна околу 20 – рече тој, додавајќи дека руските војници се однесуваат одговорно кон децата, исто како што правеле советските војници.

- Advertisement -
Ad image

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е во посета на Литванија, изјави дека разговорите во Истанбул се завршени и дека очекува да бидат ослободени повеќе воени заробеници.

Зеленски порача дека на Путин не треба да му се дозволи да одлучува кој може, а кој не може да се приклучи на НАТО, бидејќи неговиот „апетит за војна само ќе расте“.

За време на Велигден рускиот претседател Владимир Путин објави 30-часовно примирје со кратко известување. Потоа, секоја страна ја обвини другата за кршење на примирјето.

Борбите на фронтот продолжуваат. Во неделата, 31 мај, Украина изврши голем напад со дронови длабоко на руска територија за што следеше руски одговор во регионот на Харков следниот ден.

По кратките преговори, втори по ред во Истанбул, се огласи турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кој рече дека се надева дека Путин и Зеленски ќе се согласат да се сретнат „во Истанбул или Анкара“ и дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе им се придружи.

– Доколку прифатат, би сакал да се состанам со нив на овој состанок и на тој начин да го претворам Истанбул во центар за мир. Ќе преземеме чекори кон ова по овој последен состанок – изјави Ердоган.

Share This Article