Истрагата која се води за трагичниот настан во Кочани, треба да заврши за десетина денови, рече јавниот обвинител Љупчо Коцевски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Јавното обвинителство.
По завршување на истражните дејства, одбраната ќе има можност за увид во доказите, а обвинителниот акт се чека да биде готов во средината на јуни.
– Засега толку можеме. И вчера и во моментов се распрашуваат сведоци, осомничени, се прибираат докази. Досега се распрашани голем број сведоци, можеби повеќе од тристе. Се надевам дека јавните обвинителите ќе ја завршат постапката предвидена со динамиката – рече Коцевски.
Тој повтори дека се работи на собирање и на нови докази и посочи дека ако јавните обвинители откријат нови моменти, истрагата ќе биде проширена.
Во истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март 2025 година, а во кој загинаа 62 лица, досега се осомничени 68 физички и три правни лица.
Пожарот беше предизвикан од искри од пиротехнички ефекти за време на концерт на групата ДНК. Дискотеката работела без валидна лиценца и прекршувала бројни безбедносни стандарди, вклучувајќи немање противпожарни системи и доволно излези за евакуација.