Заменик-генералниот секретар на ОН за хуманитарни прашања, Том Флечер, за Би-Би-Си Радио 4 изјави дека количината на хуманитарна помош што Израел ја дозволил во Газа е шокантно ниска и предупреди дека ако помошта не пристигне наскоро, 14.000 бебиња би можеле да умрат во следните 48 часа.
Меѓународниот притисок поради претстојната глад го принуди Бенјамин Нетанјаху во недела навечер да објави ублажување на катастрофалните 11-неделни ограничувања за испорака на помош за да се спречи „криза со глад“ во Газа – но само на минимално ниво.
Флечер рече дека вчера во Газа влегле пет камиони со помош, но го опиша тоа како „капка во вода“ и сосема недоволно за потребите на населението.
Тој рече дека камионите со помош, кои содржат храна за бебиња и прехранбени производи, технички се во Газа, но сè уште не стигнале до цивилите бидејќи се наоѓаат веднаш преку границата.
Флечер предупреди дека 14.000 бебиња би можеле да умрат во следните 48 часа доколку помошта не пристигне навреме.
„Сакам да спасам што е можно повеќе од тие 14.000 бебиња во следните 48 часа“, изјави тој за Би-Би-Си.
Кога го прашале како ОН дошла до таа бројка, тој одговорил: „Имаме силни тимови на терен – и секако многу од членовите се убиени… но сè уште имаме многу луѓе на терен – тие се во медицински центри, во училишта… обидувајќи се да ги проценат потребите“.