Соединетите Американски Држави доставија формален предлог до Иран во тековните нуклеарни преговори, изјави денеска американскиот претседател Доналд Трамп.
Во претседателскиот авион Ер Форс 1, тој рече дека Иран го има планот на САД и ќе треба брзо да дејствува или ќе има негативни последици, пренесе ДПА. Вашингтон и Техеран моментално преговараат додека заливската држава Оман е посредник во разговорите за иранската нуклеарна програма.
САД имаат за цел да постигнат договор за ограничување на иранската нуклеарна програма со цел да ја спречат земјата да развие нуклеарно оружје. За возврат, Техеран се надева на олеснување на санкциите и економско закрепнување.
Неколку часа откако Трамп ја даде изјавата, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи изјави дека Иран не добил никакви писмени предлози од Соединетите Американски Држави во врска со евентуален нуклеарен договор.
„Нема предлози – ниту дадени директно ниту индиректно. Секогаш го поздравуваме дијалогот заснован на меѓусебно почитување и секогаш отфрламе секаков диктат“, напиша иранскиот министер на социјалната мрежа Икс.
Шефот на иранската дипломатија додаде дека не постои сценарио во кое Иран би се откажал од тешко стекнатото право да збогатува ураниум за мирни цели.
За време на неговата посета на Блискиот Исток, Трамп изрази оптимизам во врска со тековните разговори, велејќи дека мисли дека договорот е близу. Во исто време, тој повторно се закани со сериозна воена акција против Иран доколку двете страни не можат да постигнат договор на „учтив начин“.
Во 2015 година, Иран се согласи да ја ограничи својата нуклеарна програма според Виенскиот нуклеарен договор. Меѓутоа, во 2018 година, за време на неговиот прв мандат, Трамп еднострано се повлече од договорот и воведе нови, строги санкции.
Како одговор, Техеран исто така престана да се придржува кон ограничувањата на договорот. Иран тврди дека неговата нуклеарна програма е исклучиво за цивилни цели, а не за развој на нуклеарно оружје.