Луѓето со проширени вени имаат поголем ризик од деменција
Варикозните вени се чест здравствен проблем кој ги засега голем број луѓе. Освен што предизвикуваат непријатност и естетски нарушувања, сè повеќе се истражуваат нивните можни врски со посериозни здравствени состојби.
Според една голема корејска студија, милиони луѓе кои имаат проширени вени може да имаат значително поголем ризик од развој на деменција. Истражувачите анализирале податоци од речиси 400.000 возрасни лица со просечна возраст од 56 години, од кои околу 5.000 имале проширени вени, и откриле дека овие испитаници имале 23,5% поголема веројатност да им биде дијагностицирана деменција.
Оваа поврзаност остана значајна дури и откако беа земени предвид фактори како што се возраста, полот, телесната тежина, пушењето и консумирањето алкохол. Мажите, пушачите и луѓето кои редовно консумираат алкохол имале особено висок ризик.„Иако не е сосема јасно зошто проширените вени се поврзани со деменција, експертите се сомневаат дека причината може да биде послабата циркулација, познат фактор на ризик за оштетување на мозокот“, објавува Дејли Меил, цитиран од Index.hr.
Исто така, се претпоставува дека проширените вени можат да предизвикаат воспалителни процеси во телото што го забрзуваат оштетувањето на мозочното ткиво.
Добрата вест е дека оние кои ги третирале проширените вени имале 43% помал ризик од васкуларна деменција – форма на деменција предизвикана од намален проток на крв во мозокот, често предизвикана од микроинфаркти.
Варикозните вени не се ретка појава – иако најчесто се јавуваат на нозете, можат да се појават и на други делови од телото. Факторите на ризик вклучуваат продолжено стоење или седење, пушење и прекумерна тежина.