Почнува сезоната на матурските прослави, а со неа и зголемениот ризик на улиците. Министерството за внатрешни работи испрати предупредување до младите матуранти и нивните родители – прославувајте, но не по цена на животот!
Според сообраќајната статистика, токму во деновите кога се слават матурските вечери значително се зголемува бројот на сообраќајни несреќи, а голем дел од жртвите се токму млади луѓе. Многу од нив се здобиваат со тешки повреди, а некои, за жал, го губат и животот.
„На матурска прослава без автомобил!“, „Без конзумирање алкохол!“, „Без користење наркотични средства!“, „Без нарушување на јавниот ред и мир!“ – се четирите силни пораки кои МВР ги упатува до матурантите, но и до нивните родители.

Од МВР потенцираат дека одговорноста за девијантното однесување не паѓа само на младите, туку и на нивните родители, кои честопати дозволуваат нивните деца да дојдат со сопствени возила, да консумираат алкохол или да бидат оставени без надзор.
„Грешките во сообраќајот може да бидат фатални“, велат од полицијата и повикуваат на одговорно и безбедно однесување.
Целта на апелот е јасна – матурската вечер да остане најубава ноќ за сеќавање, а не трагедија која ќе ги обележи животите на семејствата.