Германските државни обвинители уапсија тројца украински државјани под обвинение за подготовка на саботажа со експлозивни направи што имале намера да ги испратат во поштенски пратки, беше објавено денес.
– Евген Б., Данил Б. и Владислав Т., во контакт со претставници на руската држава најдоцна до март 2025 година, изразија подготвеност да извршат напади со запаливи и експлозивни направи врз превоз на стока во Германија – соопшти Главното државно обвинителство во Карлсруе, кое презема случаи за кои постои сомневање дека претставуваат закана за уставниот поредок на Сојузна Република Германија.
Осомничените требало да испратат пакети од Германија во Украина кои требало да се запалат или експлодираат за време на транспортот. Како подготовка за овие напади, осомничените веќе испраќале пакети со „GPS“ предаватели.
Двајца осомничени се уапсени во Келн и Кобленц, а третиот во Швајцарија и се подготвува негова екстрадиција во Германија.
Сите тројца се украински државјани.
Германскиот безбедносен систем со месеци предупредува за можна саботажа од страна на руските тајни служби.
Минатата година, во јули, пакет испратен од една од балтичките земји експлодираше во логистичкиот центар на „DHL“ во Лајпциг. Пакетот првично требало да експлодира во транспортен авион.
– Ги следиме агресивните дејствија на руските тајни служби – изјави Томас Халдеванг, раководител на Федералната канцеларија за заштита на уставниот поредок.
фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK