Европските лидери од Лондон го повикаа рускиот претседател Владимир Путин сериозно да го сфати условот за 30-дневно примирје во Украина.
Портпарол на Европската комисија денеска изјави дека доколку Русија продолжи со нападите врз Украина, нема да има можност за мировни преговори и дека не е исклучена можноста следните санкции да го опфатат гасоводот „Северен тек“ кој би станал неисплатлив проект.
– Во изминатите години тесно ги координираме санкциите против Русија со Соединетите Американски Држави. Продолжуваме да се стремиме нашите санкции да ја имаат поддршката на Вашингтон – изјави портпаролот, додавајќи дека ЕУ очекува европските министри за надворешни работи, кои ќе одржат три состаноци до крајот на месецот, да ги одобрат дополнителните санкции.
Русија не одговори директно на ултиматумот за примирјето кој претходно го поставија Украина и нејзините европски сојузници, заедно со САД. Путин во соопштение во неделата изјави дека е подготвен „за преговори без никакви предуслови“ и предложи тие да започнат во четврток во Истанбул.
Во изјавата на Путин објавена по 1 часот по полноќ во неделата се вели и дека „не исклучуваме дека за време на тие разговори ќе можеме да се договориме за некаков нов договор за прекин на огнот“.
Украинскиот лидер Володимир Зеленски набрзо се одзва на соопштението велејќи дека лично ќе го чека Путин во Истанбул.
Шефот на британската дипломатија Дејвид Лами го пофали Зеленски за неговата „подготвеност да се вклучи во разговорите“ и рече дека „е време Владимир Путин сериозно да го сфати мирот во Европа, сериозно да го сфати прекинот на огнот и сериозно да ги сфати разговорите“.
На состанокт во Лондон во понеделникот, 12 мај, министрите за надворешните работи на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија и на ЕУ нагласија дека очекуваат Русија да се согласи на прекин на огнот и дека се подготвени во случај да се покаже дека Путин е сериозен во врска со примирјето.
Идејата за примирје беше поздравена и од Кина.
„Ги поддржуваме сите напори кои придонесуваат за мир и се надеваме дека релевантните страни ќе продолжат да го решаваат проблемот преку дијалог и преговори“, се вели во соопшетнието на кинеското МНР во кое се повикува на обврзувачки мировен договор што ќе биде прифатлив за сите страни.
Сепак, со најавените преговори во четврток во Истанбул не се согласуваат дел од украинските војници, кои му испратија јасна порака на нивниот лидер Зеленски, пренесува Ројтерс.
„Накратко, нивната порака е: Не разговарајте со Москва додека не се повлечат руските трупи“, објави Ројтерс.
Командантот на единицата за беспилотни летала на Националната гарда на Украина, со прекар „Чепа“, од бункер во близина на фронтот за медиумот изјави:
– Како војник и граѓанин на Украина, верувам дека пред да седнеме на преговарачка маса, мора да се вратиме на границите од 1991 година. Тоа е тоа. Целосно повлекување на сите трупи од територијата на Украина. Само тогаш можеме да разговараме. Што и да планира Путин, да земе одредени региони или да подели територии – никој не му дал право да го прави тоа“.
Огнот не стивнува додека се чекаат можните преговори на 15 мај, четврток. Русија рано наутро во понеделник, 12 мај, ја нападнала територијата на Украина со 108 дронови во текот на изминатата ноќ, при што 55 од нив биле уништени од противвоздушната одбрана, соопшти Укринформ.