Откако македонската ракометна репрезентација во неделата се квалификуваше за Европското првенство следната година, денеска дозна дека ќе биде сместена во третиот „шешир“ пред ждрепката за завршниот турнир.
Македонија е во ист ранг со Австрија, Холандија, Црна Гора, Чешка и Полска и со овие репрезентации нема да биде во иста група на почетокот на Европското првенство.
Шешир 1: Франција, Данска, Шведска, Германија, Унгарија, Словенија
Шешир 2: Португалија, Норвешка, Исланд, Хрватска, Шпанија, Фарски Острови
Шешир 3: Австрија, Холандија, Црна Гора, Чешка, Полска, Македонија
Шешир 4: Грузија, Србија, Швајцарија, Романија, Украина, Италија
Ждрепката ќе се одржи во данскиот град Хернинг на 15 мај со почеток во 19 часот.
Веќе е познато дека Германија ќе игра во групата А во Хернинг, Данска во групата Б во истиот град, а Шведска во групата Е во Малме. Норвешка ќе игра во групата Ц во Осло, Фарските Острови ќе бидат во истиот град, но во групата Д, додека Исланд е сместен во групата Ф во Кристијанштад.
Репрезентациите ќе бидат поделени во шест групи од по четири екипи.
По натпреварот со Литванија и пласманот на ЕП, селекторот Кирил Лазаров даде коментар на одиграното и им честита на сите играчи за постигнатото.
– Сакам да им честитам на сите момци, им честитав во Естонија и ги поддржав. Дојде јавноста, не поддржи по победата со 19 гола разлика. Сите беа решени да се пласираат на ЕП 2026. Отворивме лошо, типично македонски. Но, како одминуваше време, така мечот замина на наша страна. Момците не се испаничија, покажаа карактер. Имавме екстра-квалитетен меч, знаевме што сакаме. Секоја чест за целиот тим. Сега ќе играме со најдобрите во Европа – изјави Лазаров.
Еден од ракометарите со најмногу учества на големите приредби, Никола Митревски, смета дека заслужено патуваме во Скандинавија и таму ќе има што да кажеме.
– Пред почетокот на овие два натпревари рековме дека сме фаворити и убедливо ги добивме. Со стил се пласиравме на Европското првенство. Благодарност до публиката, која, како и секогаш, беше фантастична. Можеби на почетокот бевме поспори, но по десетина минути ја пробивме почетната криза и игравме како што се договаравме и трениравме и покажавме дека заслужено ја победивме Литванија и се пласиравме на Европското првенство. Ниту на првиот, ниту на вториот натпревар не калкулиравме со резултат, туку сакавме да победиме и да покажеме дека сме подобри. Убедени бевме во успех и покажавме дека со право патуваме на Европското првенство и очекувам таму да го покажеме својот збор – рече нашиот највозрасен ракометар.
Европското првенство заедно ќе го организираат Данска, Шведска и Норвешка од 15 јануари до 1 февруари 2026 година.
Ракометарите ќе поделат премија од 50.000 евра за пласманот на Европското првенство
Македонија ја оствари целта, ќе го продолжиме континуитетот на настапи на големите натпреварувања.
За успехот ракометарите ќе поделат премија од 50.000 евра која претходно беше најавена.
Ракометната федерација на Македонија (РФМ) вети дека ќе одвојат 1,5 милиони денари, а исто толку вети и Министерството за спорт. Вкупната сума од двете институции е околу 50.000 евра.