Одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да започне специјална воена операција во Украина беше апсолутно оправдана, особено поради бројните измамнички дејствија на Западот, изјави претседателот на Република Српска, Милорад Додик, за „Раша тудеј“.
Додик го опиша Путин како личност која „совршено добро разбира каде е светот, особено каде е Русија“.
Според Додик, Путин одговорил „сосема оправдано со започнување специјална воена операција, по бројните лаги од Западот, од кои една беше Минскиот протокол“.
Додик потсети на зборовите на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, која објасни дека Минскиот протокол е неопходен за да се купи време за зајакнување на Украина, како и за подготовка за конфронтација со Русија, јави ТАСС.
„Тоа покажува колку далекувид бил претседателот Путин, бидејќи можел да го предвиди конфликтот што би избувнал на руска почва, според плановите на Западот“, рече Додик.
За потсетување, Додик е осомничен за напад врз уставниот поредок на БиХ поради одлуките што следеа откако беше осуден од Судот на БиХ во прв степен на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност поради непочитување на одлуките на високиот претставник. Босанско-херцеговачката полиција не го уапсила поради ризик од конфликт со полицајците од Република Српска кои го чувале.
Исто така, Додик е мета на критики за неговите проруски активности во Босна и Херцеговина и на Западен Балкан.
Поранешниот висок претставник во БиХ, Волфганг Петрич, претходно во „Пресинг“ изјави дека Додик е пион на Путин, но и дека на Путин не му е грижа за „малиот ентитет на БиХ, РС, туку за дестабилизација на ЕУ со цел да преговара за подобри услови за себе“.