Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје вчера спроведе засилена сообраќајна контрола по оперативната акција „Безбеден сообраќај”. За време на контролата биле преземени мерки против 92 учесници во сообраќајот, од кои 50 санкции за возачи на мотоцикл, информираше Министерството за внатрешни работи (МВР).
Како што информираат од МВР, од нив, 14 санкции се за возење мотоцикл без возачка дозвола, а 14 за возење без заштитна кацига. Девет мерки се спроведени за возење мотоцикл без положен испит, четири за возење мотоцикл во несоодветна категорија, две мерки за минување со мотоцикл на црвено светло, а три санкции за непочитување на даден знак стоп од полициски службеник.
„Акциските контроли во рамки на оперативната акција ќе продолжат и во наредниот период со засилен интензитет. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со тоа да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.