Властите во пет општини во Барселона и Тарагона синоќа ја укинаа наредбата за останување дома за 147.000 жители на кои им беше кажано да не излегуваат надвор и да не ги отвораат прозорците поради пожар што избувна рано утрово во фабрика за хемикалии за базени, откако пожарникарите успеаја да го стават пожарот под контрола.
Во фабриката беа складирани приближно 70 тони хлор, објави „Ел Паис“.
Локалната Цивилна заштита соопшти дека сè уште ја следи ситуацијата, не исклучувајќи ја можноста за потреба од повторно да им се наложи на жителите да останат дома.
Како што е наведено, пожарот е под контрола, нивото на токсични супстанции во воздухот е намалено, а ветерот го пренасочил облакот со хлороводородна киселина кон ретко населената област.
Според весникот, само две лица побарале медицинска помош. Претседателот на каталонската влада, Салвадор Иља, им се заблагодари на локалното население за нивното одговорно однесување и ги замоли да продолжат да ги следат упатствата на Цивилната заштита, со цел да се избегнат ризиците што ги создава токсичниот чад од фабриката.