Индија и Пакистан ги остварија своите први контакти откако избувна кризата и разменија пораки, објавија светските агенции во саботата, а пакистанскиот министер за надворешни работи Ишак Дар изјави дека Пакистан ќе разгледа мир доколку Индија ги прекине воените дејствија.
Тој за „Џио њуз“ во саботата изјави дека му рекол на американскиот државен секретар Марко Рубио дека „топката е во дворот на Индија“, објави ДПА.
„Војната не е наш приоритет и ние навистина сакаме мир, но без хегемонија на која било земја“, рече Дар, кој е и заменик-премиер на земјата.
Дар рече дека неговите разговори со светските лидери, вклучувајќи ги Рубио и саудискиот министер за надворешни работи во саботата наутро, биле „позитивни“ и дека се надева оти разговорите со Индија би можеле да започнат.
На прашањето за контактот меѓу армиите на двете земји по последната рунда напади, Дар рече дека „разменети се пораки од двете страни“.
Агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на индиски медиуми, објави дека индиски и пакистански претставници разговарале во саботата.
Ситуацијата се влоши во саботата откако Пакистан започна напад врз соседната земја во кој тврдеше дека уништил индиски систем за воздушна одбрана со хиперсонични ракети.
Нападот се случи откако Пакистан објави дека Индија испалила ракети врз неколку воени бази.
Во објава на X, пакистанската влада соопшти дека индиските напади, насочени кон три воени бази во Пакистан, биле одбиени без жртви или штети.
Пакистанската војска објави дека го нападнала индискиот град Адампур во државата Пенџаб, уништувајќи го „системот С-400“ вреден 1,5 милијарди долари.
Исламабад соопшти дека Пакистан започнал контраофанзива за да ја одбрани својата територија, воздушен простор и национална безбедност.
Одговорот на Исламабад
По пакистанскиот напад, Индија објави дека „сите непријателски дејствија биле ефикасно потиснати и на нив било одговорено на соодветен начин“.
Министерот за одбрана на Пакистан, по нападот на неговата земја врз индиските воени објекти во саботата, негираше дека земјата свикала состанок на телото кое ја надгледува употребата на нуклеарно оружје, објави Ројтерс.
Хаваџа Асиф изјави дека не е закажан состанок на Националната команда, највисокото воено и цивилно тело кое го надгледува нуклеарниот арсенал на земјата, по воената операција на Пакистан против Индија спроведена рано наутро во саботата.
„Не е одржан состанок на Националната команда, ниту пак е закажан таков состанок“, изјави тој за телевизијата ARY.
Пакистанската војска претходно соопшти дека пакистанскиот премиер го поканил телото на состанок.
Американскиот државен секретар Марко Рубио во саботата разговараше со началникот на пакистанската армија, генерал Асим Мунир, и со индискиот министер за надворешни работи Субрахманјам Џајшанкар, повикувајќи ги двете страни да ја деескалираат ситуацијата и „повторно да воспостават директна комуникација за да се избегнат погрешни пресметки“.
„Пристапот на Индија отсекогаш бил одмерен и одговорен и останува таков“, рече Џаишанкар во X по разговорите со Рубио.
Ескалацијата на тензиите меѓу двете нуклеарни сили беше предизвикана од терористичкиот напад во индискиот Кашмир во април, во кој загинаа 26 лица, претежно индиски туристи.
Њу Делхи го обвинува Исламабад за вмешаност во нападот. Пакистан негира вмешаност и бара независна истрага.
Пакистан и Индија контролираат делови од Кашмир.