Американската централна банка (ФЕД) не ги промени клучните каматни стапки кои се движат во опсег од 4,25 до 4,50%. Тоа придонесе за раст цената на акциите на производителите на чипови и раст на берзанските индекси.
Претседателот на ФЕД, Џером Пауел, на прес-конференција ја отфрли можноста за превентивно намалување на каматните стапки бидејќи инфлацијата ќе продолжи да се движи над целните нивоа на ФЕД.
– Ова не е ситуација во која би можеле да дејствуваме превентивно бидејќи навистина не знаеме кој потег би бил точен додека не ги видиме идните економски индикатори – рече Пауел.
Тој, исто така, истакна дека луѓето и претприемачите се несигурни, но дека економијата е сè уште здрава.
Неизвесност на пазарите и економијата владее од 2 април, кога Трамп воведе реципрочни царини. Оттогаш, тој ослободи некои царински давачки, промени некои, најави нови… Во исто време, се водат преговори со многу земји за идните трговски односи и царини.
Поради ова, велат аналитичарите, на претприемачите им е тешко да донесат одлуки за понатамошни инвестиции, вработување… И поради ова, се очекува економскиот раст да забави, додека инфлацијата, поради зголемувањето на цената на увезените производи, би можела да се зголеми.
По одуката на ФЕД индексот Dow Jones доби 0,70%, на 41.113 поени, додека S&P 500 порасна за 0,43%, на 5.631 поен, а индексот Nasdaq за 0,27%, на 17.738 поени.
Во текот на целиот период на тргување, индексите се менуваа помеѓу позитивна и негативна територија, а кон крајот на тргувањето, тие пораснаа по веста дека владата на претседателот Доналд Трамп има намера да ги олабави ограничувањата за производство на чипови за вештачка интелигенција.
Поради ова, цените на акциите на производителите на чипови значително пораснаа, па индексот PHLX на тој сектор заврши со раст од 1,7%.