Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и градоначалникот на хрватскиот град Пула, Филип Зоричиќ денеска во Пула потпишаа Меморандум за пријателство и соработка.
Со овој дипломатски документ, двете локални самоуправи се обврзуваат во рамките на своите можности и надлежности, да воспостават соработка во областите на делување и тоа: економија, култура, образование, туризам, наука и истражување, ИТ технологии, младински прашања, здравство и социјална политика, јавни услуги, заштита и зачувување на културното наследство, заштита на природната средина, спорт и други области од заемен интерес.
Ова поврзување со Пула е од особено значење за Општина Охрид бидејќи ќе можат да се споделат нивните искуства во изработката и поднесувањето на проекти за искористување на средства од Европските фондови. Исто така од големо значење ќе бидат и искуствата во надоградувањето на концептот „Паметен град“, развојот на туризмот и други области кои се клучни за Охрид.
Градоначалникот Кирил Пецаков изрази големо задоволство што бројот на меѓународни пријатели на Охрид континуирано се зголемува со официјални документи и конкретни соработки. Тој истакна дека замислата на оваа локална власт е да гради мостови на пријателство кои ќе обезбедат подобра иднина на Охрид и ќе донесат бенефит за охриѓани.