Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, синоќа во своето традиционално вечерно обраќање, изјави дека првиот чекор кон мир во Украина е Русија да се согласи на безусловно примирје.
– Тие мора да преземат јасни чекори кон завршување на војната, а ние инсистираме првиот чекор да биде безусловен и целосен прекин на огнот. Русија мора да го стори тоа – нагласи Зеленски.
Украинскиот лидер, исто така, рече дека Украина се подготвува за повеќе разговори со САД, кои имаат за цел да извршат притисок врз Москва да учествува во разговорите.
– Ги избираме точките на притисок во Русија кои најсилно ќе ја охрабрат Москва кон дипломатија – истакна украинскиот претседател.
Володимир Зеленски вчера го критикуваше предлогот на претседателот на Русија, Владимир Путин, за тридневен прекин на огнот од 8 до 10 мај, по повод прославата на победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна. Украинскиот претседател изјави дека нема потреба да се чека до 8 мај за прекин на огнот.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно вчера изјави дека Украина не одговорила на понудата на Путин за директни мировни преговори и дека не е јасно дали Киев ќе се приклучи на иницијативата за тридневен прекин на огнот.