Американската војска нападнала повеќе од 1.000 цели во Јемен од средината на март, каде што Вашингтон ги предводи воздушните напади против бунтовниците Хути, соопшти синоќа американското Министерство за одбрана.
Хутите, кои контролираат големи делови од Јемен, напаѓаат бродови од крајот на 2023 година во Црвеното Море во знак на солидарност со Палестинците во Појасот Газа, кој е опустошен од војната меѓу палестинското движење Хамас и Израел.
Бунтовниците во Јемен, исто така, ја преземаат одговорноста за ракетните напади директно врз Израел, кој тврди дека ги пресретнал.
„Од 15 март, нападите на ЦЕНТКОМ (Командата на САД за Блискиот Исток) погодија повеќе од 1.000 цели, при што беа убиени борци и водачи на бунтовниците Хути и беа деградирани нивните капацитети“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел.