За пет месеци од денеска ќе почне кампањата за локалните избори и граѓаните ќе кажат чија кариера завршува, а чија почнува. Тоа што играте на картата на кратко помнење, ве советувам дека нема да добиете политички поени, рече премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница на која одговараше на прашање од пратеникот Митко Трајчулески од СДСМ за одговорноста на дел од министрите и Владата за трагедијата во Кочани.
Мицкоски нагласи дека истрагата ја води јавниот обвинител, а не тој или Владата.
– ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште е под прогон на обвинители од времето кога СДСМ ги бираше. Ако обвинителот одлучи дека треба да одам во затвор, ќе одам. Никому ништо. Не треба да се плашиме. И затвор е за луѓе. Обвинителот треба да го прашате дали се штитат високи владини функционери. На крајот од денот, еден пример е дека еден член на Владата е во притвор. Сето тоа по налог на Обвинителството. Не по мој повик. Ќе постапуваме по налог на Обвинителството во координација со судот. Актуелен градоначалник е притворен… Во ваше време, тоа беше невозможна мисија – не успеавте да се доближите ниту до подалечниот периметар. Затоа господине Трајчулески, кога зборуваме за морал, најмалку вие имате право. Можеби немаме ни ние, но ќе кажат граѓаните наскоро на избори – рече Мицкоски.
Трајчулески од говорницата рече дека не постои чувство на морална одговорност кај Владата и дека се води селективна истрага за да се заштитат сегашни носители на високи позиции во МВР, Пазарниот инспекторат.
Пратеникот го праша Мицкоски дали разводнувањето на истрагата е за да се заштитат функционери.
– Најмалку вие имате право да зборувате за морал, можеби немаме ни ние, ќе кажат граѓаните за неколку месеци, но најмалку имате вие. Мој совет, да ги оставиме семејствата. На мене да удират секој ден, дехидрирајте од плукање, нормално е тоа. Логично е, измислувајте. Граѓаните се тие кои кажуваат дали вашето е вистина или она што ние го кажуваме. Да ги оставиме семејствата оти болката и тагата се огромни – одговори Мицкоски.