Предлогот на Украина за прекин на нападите врз цивилната инфраструктура останува на маса, но тоа бара вистинска подготвеност на Русија да учествува во дијалог, објави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм.
„Нашиот предлог за прекин на огнот против цивилната инфраструктура, исто така, останува на маса. Потребна е вистинска волја од Русија да учествува во овој дијалог. Нема и нема да има пречки од Украина“, посочи Зеленски.
Тој додаде дека Киев предложил продолжување на велигденското примирје и негово претворање во целосен прекин на огнот.
Зеленски вчера изјави дека Украина е подготвена за секаква форма на дискусии за да се стави крај на нападите врз цивилни објекти.
Претходно, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека Русија е подготвена да го разгледа предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за прекин на нападите врз цивилната инфраструктура.
„Кога зборуваме за цивилни инфраструктурни објекти, мора јасно да разликуваме под кои околности овие објекти можат да бидат воена цел, а под кои околности не можат“, посочи Песков, цитирајќи ја изјавата на Путин дека цивилен објект може да биде воена цел доколку таму има непријателски борци.
Путин пред Велигден прогласи 30-часовниот прекин на огнот. Но, Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за постојано кршење на велигденскиот прекин на огнот и за непочитување на мораториумот на нападите на енергетската инфраструктура, договорен со американско посредство минатиот месец.