Владата ја разгледува можноста за изградба нов саемски комплекс во Скопје. Денеска се одржа средба на директорот на службата за општи и заеднички работи со претставници на „Скопски саем“ на која се посочени можните локации и инфраструктурни услови.
– Враќањето на „Скопски саем” во сопствен објект не само што ќе ја оживее економската активност, туку и ќе го зајакне регионалниот и меѓународниот профил на Македонија како важен трговски и деловен центар – изјави по средбата директорот на Службата на општи и заеднички работи Ивица Томовски.
Даниела Глигоровска, директорка на „Скопски саем”, ги нагласи предностите од обновување на саемската активност, која веќе неколку години не се одржува во свој објект.
– Саемите претставуваат клучни настани за промоција на македонските производи и услуги, како и за создавање на нови можности за странски инвестиции и соработка. Изградбата на современ саемски комплекс ќе ги отвори вратите за нови можности и ќе создаде услови за зајакнување на економијата – додаде Глигоровска.
На средбата е договорено меѓуинституционалната соработка и поддршка да продолжи и во периодот што следи подетално да се разгледаат сите аспекти и можности за изградба на нов објект за потребите на саемските манифестации.