IN MEMORIAM: ИЛЧЕ СТОЈАНОСКИ (1949-2025)

Saso
By Saso 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Денеска во Охрид на 75-годишна возраст почина истакнатиот новинар Илче Стојаноски, личност која целиот свој професионален век го посвети на Центарот за печат и радио Охрид.

Роден на 18 јуни 1949 година во Прилеп, малиот Илче само три години подоцна се преселува во Охрид, родниот град на неговата мајка, која потекнува од угледната стара охридска фамилија Киселиновци. По завршувањето на основното и средното образование во Охрид, своето школување го продолжува на Правниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје.

Во 1976 година се враќа во Охрид, а веќе следната година ја започнува својата новинарска кариера како надворешен соработник. Од 1979 година стапува во редовен работен однос во Радио Охрид, каде постојано напредува во професијата. Во 1982 година е именуван за главен и одговорен уредник на програмата на Радио Охрид, функција на која останува до 1986 година, кога е назначен за в.д. директор и главен и одговорен уредник на истата медиумска куќа.

По завршувањето на директорскиот мандат, Стојаноски останува во дневната редакција како новинар. Води повеќе емисии, меѓу кои дневно-информативната емисија „Настани”, како и контактните емисии „Во сабота со Вас” и „Радио берза”. Водејќи се од огромната љубов кон Охрид и неговата богата историја, ја реализира емисијата „Охрид во моите спомени”, серијал од над 100 документарни емисии што оставија неизбришлива трага во македонската радиофонија.

Врз основа на материјалите собрани за овој серијал, Стојаноски напишува две книги со наслов „Кажвиме за да не се заборајт”, објавени 1996 и 2003 година. Неговиот придонес во зачувувањето на охридската историја продолжува со монографијата „Охридски времелов 1848-1948″, издадена 2012 година во чест на градскиот патрон Свети Климент Охридски. Во ова дело, тој го прикажува Охрид во период од 100 години преку богата колекција на цртежи и фотографии. Хронолошки ги претставува цртежите на Едвард Лир од 1848 година, првите фотографии направени во Охрид во 1863 година од Јошеф Шекељ, фотографиите од почетокот на 20-тиот век на Мери Едит-Дурхам, како и бројни други визуелни записи од непознати автори, сѐ до 1948 година.

Во 2014 година ја објавува својата четврта книга под наслов „Охридски вистини, случки, приказни и факти од минатото”. Последниот значаен труд на Стојаноски е ДВД-то „Охрид во моите спомени”. И како пензионер, тој не престана да го промовира својот сакан град, станувајќи еден од креаторите и администраторите на популарната Фејсбук страница „Охрид, убав мил”.

За својата посветена работа, Илче Стојаноски беше добитник на бројни престижни награди и признанија. Особено се истакнуваат наградата на Здружението на новинарите на Македонија од 1999 година – прво место за документарната емисија „Афродита Охридска”, како и највисокото признание од ова здружение – наградата ГРАН ПРИ. Сепак, како што често наведуваше самиот, најголема чест му претставуваше Повелбата „Свети Климент Охридски”, доделена од Општина Охрид во 2007 година.

Погребот на Илче Стојаноски ќе се одржи во среда, 23 април 2025 година, од 12:00 до 12:30 часот на Градските гробишта во Охрид.

Нека му е вечна слава! Редакцијата Охридскај изразува длабоко сочуство до фамилијата на Илче Стојаноски

- Advertisement -
Ad image

Редакција Охридскај -Сашо Денесовски

Share This Article