Неминовно е да се направи или нова истрага или реконструкција на настаните кога се грабнати и убиени Панче Жежовски (74) во Велес и Вања Ѓорчевска (14) во Скопје, побара денеска адвокатот Бојан Манев, бранител на третообвинетиот Боре Видевски.
– Ова е фаза на постапката кога секој од обвинетите ја кажува својата верзија на приказната. На крајот, по исказите кои се дадени досега, по исказите кои беа дадени во Обвинителството, а кои беа читани на расправите, по сè што е досега кажано, неминовно е да се направи или реконструкција на настанот или настанот да се врати во истрага. Има три причини за тоа. Прво, мора да се врати, бидејќи сè почесто се споменуваат други лица кои не се обвинети, ниту се учесници, а се споменуваат во исказите на обвинетите. Второ, постојат неколку снимки кои Обвинителство, не знам од кои причини, не ни даде да ги гледаме. Една од нив е снимка од бензиската станица на Лукоил во Велес, каде јасно се гледа ликот на Панче Жежовски. Таа снимка е направена некаде околу 12 часот на 22 ноември 2023 година, преку ден. А во обвинението велаѕ дека човекот е убиен утрото во 9 часот. Некои работи мора да се расчистат во самата приказна, дали со реконструкција дали со враќање на предметот во истрага – рече адвокатот Манев пред Кривичниот суд.
Третата причина поради што предметот треба да се врати во истрага, според Манев, е што Јавното обвинителство нема прилоено никакво вештачење на зрната од жртвите, со цел да се утврди дали се убиени со легално или со нелегално оружје.
– Работа на Обвинителството во истражна постапка е да ги утврди сите факти и да ги повика луѓето. Зошто Обвинителство тоа не го прави, зошто не изведува и други докази кои што се од битно значење, тоа треба да ги прашате обвинителките – изјави Манев, откако беше одложено денешното рочиште поради болест на адвокатот Јовица Страшевски, кој е бранител на првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо.
Манев рече дека не е спорно што адвокатот се разболел.
– Денешното одложување е поради здравствени проблеми на адвокатот на Љупчо Палевски. На секого може да му се случи да има здравствен проблем и да има висок крвен притисок. Мислам дека тоа е во ред. Согласно Законот за кривичната постапка, судијата има право да постави бранител по службена должност, меѓутоа, мислам дека е човечки едно одлагање, да се дозволи. Мислам дека не се работи за бегање, туку за здравствен проблем. Во ред е тоа што го зборува судијата, но мислам дека ќе дојде на наредното рочиште – рече адвокатот Бојан Манев, бранител на обвинетиот Боре Видевски.