Специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стивен Виткоф три дена по средбата со Владимир Путин изјави дека рускиот претседател сака „траен мир“ во Украина.
– Можеби сме на работ на нешто многу, многу важно за целиот свет – рече Виткоф синоќа во интервју за американскиот канал „Фокс њуз“.
Американскиот претседател Доналд Трамп сака да стави крај на војната во Украина и ја прекина дипломатската изолација што Западот му ја наметна на неговиот руски колега за да разговара за тоа.
Неговата администрација одржува одделни разговори со високи руски и украински претставници, но досега тие разговори не доведоа до сеопфатен прекин на непријателствата.
Дипломатските преговори продолжуваат, без решителни отстапки од Москва. Киев и некои западни земји ја обвинуваат Русија, чија армија е поголема и подобро опремена на фронтот, дека намерно ги одложува преговорите.