Искусниот хрватски фудбалски ас Лука Модриќ го направи првиот чекор кон животот по пензионирањето, станувајќи малцински сопственик на велшкиот клуб Свонси Сити, кој моментално се натпреварува во Чемпионшип лигата.
Договорот на Модриќ со Реал Мадрид истекува ова лето, а иако постојат срамежливи шпекулации дека би можел да остане уште една сезона, сè посилни се сигналите дека легендата на „кралскиот клуб“ ќе стави крај на својата блескава кариера.
Дел од парите што ги заработи во текот на децениската фудбалска кариера, Модриќ одлучил да ги инвестира токму во Свонси, клуб со богата историја, кој своевремено играше и во Премиер лигата. Моментално, Свонси е на 12. место во Чемпионшип и уште е далеку од враќање меѓу елитата.
Модриќ од 2008 до 2012 година играше во Англија како член на Тотенхем, каде во една сезона имаше можност да се сретне со Свонси на теренот – клуб кој, очигледно, оставил трага кај него.