Иако е речиси средината на април, месец кој повеќето го поврзуваат со пролетта, утрово во турската престолнина паѓа обилен снег.
Турскиот новинар Рагип Сојлу објави видео од Анкара со натпис: „Во Анкара врне снег во средината на април“.
Метеоролозите вчера предупредија на обилни врнежи и бурни ветрови. Гувернерот на Анкара, Васип Шахин, вчера најави дека сите образовни институции во турската престолнина денеска ќе бидат затворени поради очекуваните временски услови.
Според неговата објава на социјалните мрежи, прогнозите покажуваат дека снегот ќе почне да паѓа во раните утрински часови и ќе продолжи до пладне, со можни акумулации и до 15 сантиметри во некои делови од градот. Најавени се и удари на ветер од 40 до 60 километри на час, пренесува Индекс.
„Со цел да ги заштитиме нашите деца од можни неповолни услови, одлучено е да се прекине наставата во сите јавни и приватни образовни институции, како и во сите образовни центри кои се во надлежност на нашата гувернација“, рече Шахин.