Нанесувањето дезодоранс е составен дел од секојдневната рутина за повеќето луѓе, но според д-р Реа Адел, специјалист за кожа, многу луѓе тоа го прават погрешно. Во нејзиното видео на TikTok, таа нагласи дека ако ставате дезодоранс наутро или после тренинг – „го правите погрешно“ – и тоа може да биде причината зошто вашиот дезодоранс не работи како што треба.
„За да го извлечете максимумот од дезодорансот, всушност треба да го нанесувате навечер, пред спиење. Тоа е затоа што вашите потни жлезди се помалку активни додека спиете, што значи дека дезодорансот има повеќе време за работа“, објасни д-р Ре.
Овој метод овозможува подобра апсорпција, со што дезодорансот е поефикасен следниот ден. Д-р Ре советува и нанесување дезодоранс на целосно сува кожа за да се постигне оптимална апсорпција и да се избегне потребата од повторно нанесување во текот на денот, пишува Magazin.hr.
Д-р Линдзи Зубрицки од Мисисипи го поддржува овој совет и додава дека антиперспирантите најдобро делуваат кога се нанесуваат ноќе, благодарение на природниот процес на ладење на телото додека се подготвува за сон, кој е поттикнат од зголеменото производство на мелатонин.
Како што бледнее дневната светлина, нивото на мелатонин се зголемува, што доведува до намалување на телесната температура, крвниот притисок и отчукувањата на срцето – сигнализирајќи му на телото дека е време за одмор. Нанесувањето дезодоранс или антиперспирант во согласност со овие физиолошки промени може да ја зголеми нивната ефикасност во борбата против непријатните мириси и контролирањето на потењето.
Која е разликата помеѓу дезодоранс и антиперспирант?
Според Healthline, дезодорансите и антиперспирантите влијаат на мирисот на телото на различни начини. На пример, дезодорансите ги отстрануваат непријатните мириси, но не го спречуваат потењето. Тие обично се на база на алкохол и ја закиселуваат кожата, што ја прави помалку погодна за раст на бактерии.
Антиперспирантите, од друга страна, содржат активни состојки – најчесто алуминиум – кои привремено ги блокираат порите на пот, според Bristol Live.