Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Truth Social објави дека во четвртокот САД имале „многу добар и продуктивен“ разговор со рускиот претседател Владимир Путин и рече дека има „многу добри шанси оваа ужасна, крвава војна конечно да заврши“.
„Во моментов, илјадници украински војници се целосно опкружени од руската војска и се во многу лоша и ранлива позиција. Силно побарав од претседателот Путин да им ги поштеди животите. Тоа би бил ужасен масакр, невиден од Втората светска војна. Господ да ги благослови сите!!!“, напиша Трамп алудирајќи на посетата на неговиот специјален пратеник Стив Виткоф на Москва.
Ајвор Бенет, дописник на Скај њуз од Москва, објави детали од вчерашното „патување“ на Стив Виткоф (67) во Москва. Специјалниот пратеник на Трамп, се дознава, поминал 12 часа во руската престолнина, од кои приближно осум часа чекал Владимир Путин да го покани во една од салите на Кремљ.
Виткоф е милијардер и поранешен магнат за недвижности, кој беше назначен од Трамп за свој пратеник за Блискиот Исток минатата година, но тој брзо стана еден од неговите најголеми доверливи луѓе, сега преземајќи клучна улога во преговорите за евентуален прекин на огнот во Украина.