Постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ во Брисел до доцна синоќа не успеаја да постигнат компромис за ново шестмесечно продолжување на пакетот санкции воведени поради руската агресија врз Украина

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ во Брисел до доцна синоќа не успеаја да постигнат компромис за ново шестмесечно продолжување на пакетот санкции воведени поради руската агресија врз Украина.

Доколку договорот за продолжување на санкциите кон Русија не биде постигнат во следново деноноќие, тие ќе престанат да важат утре вечер на полноќ.

Според најавите од Советот на ЕУ, амбасадорите на земјите членки ќе се сретнат одново и денеска во обид да ја убедат Унгарија да се откаже од блокирање на договорот за продолжување на санкциите.

Унгарија и претходно повремено изразуваше резерви кон продолжувањето или воведувањето нови пакети санкции кон Русија, но на крајот сепак ги поддржуваше одлуките за тоа во замена за одредени отстапки од страна на ЕУ.

„Фајненшл тајмс“ објави дека овој пат Будимпешта ја условува поддршката за продолжување на санкции со отстранување на осум лица од листата санкционирани. Меѓу нив, според британскиот весник, се и руските олигарси Михаил Фридман, Алишер Усманов и Пјотр Авен.

На листа на санкционирани поради нивните активности за загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во моментов се наоѓаат над 2.400 поединци и субјекти.

Повеќето земји членки на ЕУ се противат на отстранување на санкционирани од листата, но европски дипломати посочуваат дека во услови кога на повидок е можен прекин на огнот во Украина и евентуален старт на мировни преговори, на крајот тие веројатно ќе попуштат пред барањата на Унгарија, во обид да спречат „пропаѓање“ на целата листа на санкционирани поради унгарското вето.

Портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер вчера најави дека Европската Унија подготвува 17-ти пакет санкции поврзани со руската агресија врз Украина.

– Санкциите против Русија функционираат. Тие ја поткопуваат руската економија и токму тоа сакаме да го постигнеме. Сакаме да постигнеме дека рускиот агресор е слаб, а Украина е силна. Затоа имавме 16 пакети санкции, кои беа усвоени едногласно, а сега работиме на 17-от – истакна Хипер.

- Advertisement -
Ad image

На прашање дали ЕУ има „План Б“ доколку некоја земја членка го блокира воведувањето на нови санкции или продолжувањето на постоечките, Хипер истакна дека Комисијата напорно работи навремено да биде постигнат договор за рестриктивните мерки и не би сакала да коментира можни сценарија, додавајќи дека Русија е агресорот во овој конфликти и мора да плати за сите сторени злосторства.

Share This Article