Македонија се залага за мирно решение на конфликтот

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Нема да има македонски војници на украинско тло, тоа досега никој не го побарал од нас како држава, изјави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски по посетата на припадниците на Првиот пешадиски баталјон на Армијата во касарната „Чеде Филиповски – Даме“ во Кичево.

– Како земја-членка на НАТО сме четврта по ред земја во доделена помош за различна опрема за Украина. Она што оваа Влада го направи во изминатиот период е тоа што додели уште еден пакет, но сега во овој период се смени наративот во геополитиката во светот и она што можеше да се слушне е дека на масата е предлог за мир и ние сме држава која е насочена кон мирот – рече Мисајловски во одговор на новинарски прашања.

Мисајловски рече дека во мирното решавање треба да се гледа најголемата шанса, бидејќи тоа ја опфаќа и колективната безбедност.

– Најпрво има потреба за мир, а потоа ќе има потреба за дополнителна помош кон Украина особено за обновата на земјата во инфраструктура, во капацитети, но првин да се дојде до мирно решение при што ние стопроцентно застануваме зад мирно решение – рече министерот.

Потврди дека началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски вчера учествувал на состанокот во Париз, во рамки на парискиот oдбранбен и безбедносен форум во организација на началниците на Генералштабовите на Франција и Обединетото Кралство. На состанокот учествувале воени претставници на 30 земји од ЕУ и/или НАТО, меѓу кои Велика Британија и Турција, чиј домаќин бил францускиот претседател Емануел Макрон.

– Началникот беше на тој состанок вчера, имавме неколку разговори, меѓутоа има различни мислења на различни земји, се размислува за некои нови чекори, планови како да се воспостави мирот и како да се делува во иднина, но тоа се само големи разместувања на различни земји, но не е стриктно дадено како солуција што ќе се случува наредниот период. Добро е што сите имале свои мислења, ние ја кажуваме нашата позиција дека сме за мирно решавање, за мир – рече Мисајловски.

По еднодневните разговори меѓу Вашингтон и Киев во Џеда, Украина го прифати американскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот. САД се обврзаа да ја информираат Русија за деталите од разговорите.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков не ја исклучи можноста наскоро да се случи телефонски разговор меѓу рускиот и американскиот претседател.

Share This Article