Иран денеска објави дека писмото од американскиот претседател Доналд Трамп за нов нуклеарен договор упатено до иранските лидери треба да биде доставено до Техеран преку арапска земја.
– Писмото е напишано, но сè уште не е пристигнато и наскоро ќе биде доставено од арапска земја – изјави за новинарите иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.
Во исто време, Трамп ја врати политиката на „максимален притисок“ врз Иран со нови санкции против иранскиот нафтен сектор и се закани со употреба на сила.
Иран исто така денеска потврди дека оваа недела ќе разговара со Кина и Русија за својата нуклеарна програма, откако Пекинг објави дека ќе биде домаќин на состанокот.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Бакаи, во изјавата рече дека тринасочните разговори в петок ќе се фокусираат на „развојот поврзан со нуклеарното прашање и укинувањето на санкциите“.