Зголемените царини за увоз на челик и алуминиум (25 отсто) воведени од американскиот претседател Доналд Трамп денеска стапија на сила.
Пред да стапат на сила тарифите, Трамп ѝ се закани на Канада дека ќе ги удвои тарифите за извозот на челик и алуминиум од 25 на 50 отсто, но се откажа од тие планови откако премиерот на Онтарио, Даг Форд се согласи да ја суспендира одлуката за воведување дополнителни давачки за извозот на електрична енергија од Онтарио во САД, отстапка во замена за укинување на претходните тарифи.
Форд и канадскиот министер за финансии Доминик Лебланк утре ќе отпатуваат за Вашингтон за да разговараат со претставници на Трамп за можните промени на Трговскиот договор САД-Мексико-Канада (USMCA).
Поголемиот дел од трговијата меѓу САД и Канада останува без царини според договорот USMCA, но Трамп продолжува да ги критикува високите царини што Канада ги има за млечните производи.
Европската унија ќе воведе контратарифи на стоки од САД во вредност од 26 милијарди евра, почнувајќи од април, како одговор на американските царини за челик и алуминиум, соопшти денеска Европската комисија.
Комисијата соопшти дека ќе ја укине сегашната суспензија на тарифите за американските производи од 1 април, а новиот пакет контрамерки против американските стоки ќе биде претставен до средината на април.
– Нашите контрамерки ќе бидат воведени во два чекора, почнувајќи од 1. април, а целосно ќе бидат во сила од 13. април. Подготвени сме да се вклучиме во дијалог. Го задолжив комесарот за трговија Марош Шефчович да ги продолжи преговорите и да истражува подобри решенија со САД – рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Се верува дека Комисијата ќе ги активира постоечките контрамерки против Соединетите Држави кои беа суспендирани во 2018 и 2020 година од 1 април.
Овие мерки се насочени кон низа познати американски производи како што се мотоцикли, бурбон и чамци и се одговор на економската штета вредна 8 милијарди евра од извозот на челик и алуминиум од ЕУ.