Наредните денови носат променливо и нестабилно време, со повремен дожд, локално проследен со грмежи и силен јужен ветер.
Очекувајте дека временските неприлики ќе станат поинтензивни почнувајќи од вечерва, продолжувајќи во текот на ноќта и во четврток претпладне. На некои места, врнежите може да достигнат над 15 литри на квадратен метар, со што ќе се создаде ризик од локални поплави.
Минималните утрински температури ќе се движат од 3 степени во Берово до 9 во Гевгелија, а максималните дневни од 13 во Маврово и 23 Целзиусови степени во Скопје.
Во Скопје, променливо облачно со умерен до засилен јужен ветер. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината врнежите ќе бидат поројни проследени со грмежи и силен ветер. Температурата ќе се движи од 8 до 23 степени.
За четврток метеоролозите велат дека претпладне ќе биде променливо облачно наместа нестабилно, со локален пороен дожд и грмежи. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од југозападен правец (над 60 km/h).
Минималните утрински температури ќе се движат од 5 до 11, а максималните дневни од 17 до 24 Целзиусови степени.
„Преодно стабилизирање на времето ќе има во петок, но веќе во сабота нестабилноста повторно ќе се засили на одредени локации. Во недела и понеделник на повеќе места во земјава се очекуваат нови поројни врнежи од дожд, проследени со грмежи. Притоа, ветерот ќе го промени правецот во северен, што ќе предизвика значително опаѓање на дневните температури – за околу 7 до 10 степени. Во Скопје и околината, времето ќе биде променливо облачно и топло, со периодични врнежи од дожд. Во делови од котлината дождот ќе биде пороен, проследен со грмежи и силен ветер, особено во ноќта кон четврток. Нови врнежи од дожд се очекуваат кон крајот на викендот и на почетокот на следната недела. Граѓаните се советуваат да бидат претпазливи поради можноста од локални поплавувања, засилен ветер и намалена видливост во дождливите периоди“, наведено е во соопштението на УХМР