Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски заедно со министерот за спорт Борко Ристовски ги прими македонските ракометни репрезентативци кои настапија на Светското првенство во ракомет што се одржа во Република Хрватска.
Премиерот Мицкоски им честита за борбеноста, пожртвуваноста и претставувањето на Македонија на ова престижно натпреварување.
Премиерот вели дека за таа цел Владата донесе одлука да додели премија на ракометарите во висина од 3 милиони денари, како резултат на, како што вели, достоинственото претставување и пожртвуваноста на македонските спортисти во Хрватска.
– Секој ваш натпревар беше доказ за силата на македонскиот спортски дух. Борбата на теренот, срцето што го оставивте за нашиот дрес и поддршката што ја добивте од македонските навивачи се вистински пример за тоа што значи љубов кон татковината – истакна премиерот пред ракометарите.