Руското Министерство за одбрана во вторникот соопшти дека нивните сили повторно зазеле повеќе од 100 квадратни километри територија и ослободиле 12 населени места во областа Курск, во западна Русија, за време на офанзивата чија цел била да ги истисне украинските војници од регионот.
„Единиците на Северната група сили ослободија 12 населени места за време на офанзивата… и повеќе од 100 квадратни километри од територијата на регионот Курск“, се вели во соопштението на руското Министерство.
Украинските трупи презедоа контрола на најмалку 1.300 квадратни километри територија во областа Курск во август, што Киев го оправда како обид да добие моќ во идните преговори и да ја принуди Русија да ги пренасочи силите од источна Украина.
Операцијата претставуваше најсериозен напад на руска територија од нацистичката инвазија на Советскиот Сојуз во 1941 година и се сметаше за начин Украина да го засрами Кремљ со заземање парче руска земја.
До средината на февруари Русија успеа да врати најмалку 800 квадратни километри територија во областа. Во последните денови, таа започна голема офанзива на падобранци од повеќе правци, што претставува сериозна закана за украинските линии за снабдување и можните рути за повлекување, пренесува Ројтерс.