Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја изрази својата желба Гренланд да стане дел од Соединетите Американски Држави, во пресрет на утрешните парламентарни избори на оваа полуавтономна данска територија. На својата социјална платформа „Трут Соушл“, Трамп напиша:
„Подготвени сме да инвестираме милијарди долари за отворање на нови работни места и да ве направиме богати – и ако го изберете тоа, сметајте се за добредојдени како дел од најголемата нација во светот – САД“.
Објавата беше споделена и од други високи американски функционери, вклучувајќи го и милијардерот Илон Маск, кој е познат за неговите ставови за глобалната економија и ефикасноста на владините структури.
Меѓутоа, експертите не очекуваат дека изјавата на Трамп ќе има големо влијание врз исходот на изборите. Улрик Прам Гад, експерт од Данскиот институт за меѓународни истражувања, изјави дека повеќето гласачи во Гренланд веќе имаат формирано став за интересот на Трамп и неговата политика кон островот.
– Сигурен сум дека мнозинството гласачи во Гренланд веќе се запознаени со интересот на Трамп и имаат изградено став по ова прашање – изјави Гад за германската новинска агенција ДПА.
Гренланд утре ќе ги одржи парламентарните избори, а централната тема во изборната кампања останува можната независност на островот. Сите главни политички партии на Гренланд ја поддржуваат независноста, а дебатата се фокусира на тоа кога, а не дали, ќе се прекинат врските со Данска.
Доколку земјата ја постигне независноста, тоа ќе се случи согласно членот 19 од данскиот устав, кој овозможува отстапување на дел од територијата под услов да добие одобрение од Парламентот.
На последното истражување на јавното мислење од страна на Институтот „Вериан“, 56% од жителите на Гренланд ја поддржуваат независноста. Сепак, 45% од нив се против независноста ако тоа би довело до влошување на нивниот животен стандард.