Претседателот на САД, Доналд Трамп, се осврна на астронаутите Буч Вилмор и Суни Вилијамс, кои во мигов се заглавени на Меѓународната вселенска станица (МВС). Престедателот на САД, притоа, пред новинарите, според многумина доста бесчувствително, на шега изјави дека астронаутите може и да се вљубат поради сето тоа.
– Тие беа оставени таму горе. Се надевам дека тоа ќе им се допадне… Можеби дури и ќе се засакаат, не знам – рече Трамп.
Инаку, и Вилмор и Вилијамс се во брак со други луѓе, па на интернет Трамп стана цел на бројни критики.
„Непромислените коментари на Трамп за астронаутите, заглавени на МВС, не само што се неодговорни – туку и ја минимизираат тежината на ситуацијата“, „Ова е неверојатно несоодветно“, „Дали некој мисли дека ова е нормално?“ – гласат дел од коментарите на Икс.
Буч и Суни се веќе 9 месеци во Вселената, иако нивното патување првично требаше да трае 8 дена. За време на мисијата, откриени се дефекти на погонот и истекување хелиум, што доведе до одлука да се врати вселенското летало на Земјата без екипаж поради безбедноста на астронаутите. Следствено, НАСА одлучи Вилијамс и Вилмор да останат на МВС до пристигнувањето на следната мисија на „Спејс-икс“, којашто безбедно ќе ги врати на Земјата.
Нивното враќање е планирано за овој март 2025 година, кога ќе треба да влезат во вселенското летало „Кру-9“ „Crew-9“ на „Спејс-Икс“ за да се вратат на Земјата.
За време на нивниот продолжен престој на МВС, Вилијамс и Вилмор продолжија да работат на научни експерименти и на одржување на Станицата. И покрај непланираното продолжување на мисијата, и двајцата се во добра здравствена состојба и се подложени на редовни медицински прегледи заради нивна благосостојба.