Имотниот лист и пет други најкористени услуги од катастарот од оваа недела се достапни на порталот uslugi.gov.mk. Во сите центри за услуги во Скопје, во Општина Аеродром, во Јегуновце, во Куманово, во Охрид, во Битола и во Тетово граѓаните ќе можат да извадат ваков документ преку електронска услуга од катастарот.
Ова го соопшти Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски
-Тоа практично значи дека шалтерите од катастарот ги прошируваме низ целата држава и во нашите центри за услуги – рече Андоновски во гостување на ТВ Сител.
Тој истакна и дека со измените на Законот за електронски документи од 1 јануари секој документ којшто ќе се испечати од порталот односно електронски документ ќе може да се користи како традиционален документ, со синиот печат.
-Што значи дека овие документи имаат електронски печат, електронски потпис, времен жиг кој што точно утврдува кој го произвел, кој го потпишува и во кое време, што значи имаат полноправна валидност и ќе можат да се користат – дополни Андоновски.
Андоновски зборуваше за новите услуги од Агенцијата за катастар на недвижности, кои од сега на граѓаните им се достапни на националниот портал за електронски услуги, uslugi.gov.mk како и во Центрите за услуги на министерството.
-Нашиот фокус сега е да одиме во два правци. Едниот е да ги дигитализираме услугите што граѓаните најмногу ги користат за да ја поткренеме свесноста дека постојат вакви електронски услуги и секако паралелно со тоа да одиме со оние институции коишто се најподготвени за брза дигитализација на нивните услуги – изјави Андоновски во интервју за Тема на денот на ТВ Сител.