Рускиот претседател Владимир Путин назначи Александар Дарчиев за амбасадор во Вашингтон. Името на Дарчиев како фаворит за нов дипломат се спомна уште на руско-американската средба во Истанбул на 27 февруари на кои Русија и САД се договорија да ги обноват дипломатските претставништва како чекор кон постигнување мировен договор за Украина.
Дарчиев е директор на Северноатлантскиот оддел во Министерството за надворешни работи на Русија. Тој е искусен дипломат кој дипломирал на Московскиот државен универзитет (МГУ) во 1983 година и докторирал на историски науки. Зборува англиски и француски јазик, а во Министерството за надворешни работи е вработен од 1992 година.
Од октомври 2014 до јануари 2021 година бил руски амбасадор во Канада, а од јануари 2021 година директор на Одделот за Северна Америка. Рускиот претседател Владимир Путин го разреши претходниот амбасадор Анатолиј Антонов на 10 октомври минатата година. Тој ја извршуваше таа функција од 2017 година.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во средата изјави дека е позитивен ставот на украинскиот претседател Володимир Зеленски кој искажа спремност да седне на преговарачката маса. Сепак, Песков вели дека Зеленски сам си забранил да преговара со декретот кој Киев го издаде во 2022 година.
Песков исто така не ја исклучува можноста преговорите за мир во Украина да се одржат во Белорусија. Коментирајќи ја понудата на белорускиот претседател Александар Лукашенко тој рече дека за Кремљ Минск е најпожелна локација за преговори.
Првата американско-руска средба која го проби ледот се одржа во Ријад во Саудиска Арабија каде што средба имаа делегации предводени од американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров.