Најголемата фотоволтаична централа во земјава и на Балканот, инвестиција на француската компанија „Акуо енерџи“ (Akuo Energy), по четири години од најавата наскоро треба да го објави датумот на старт на изградбата на местото на пропаднатиот проект за Карго аеродром на територијата на општините Штип и Свети Николе.
Ова беше најавено на вчерашната презентација на проектот на Универзитетот во Штип.
На инвеститорот му требаа 4 години да ги помине административните лавиринти во земјава за да стигне до градење кое и сега е неизвесно бидејќи деновиве треба да завршат финалните разговори со сегашната влада кои има свои барања. Владата побара изградбата на фотоволтаичната централа да се помести на земјиште од четврта категорија па нагоре, односно на неплодно земјиште.
Претставниците на „Акуо“ во земјава велат дека веќе го исполниле условот и очекуваат многу брзо да ги добијат протребните документи за градба. Дополнително, централата треба да произведува и батериски системи за балансирање на струјата, што ја зголемува нејзината вредност на повеќе од 300 милиони евра.
Соларниот парк „Стипион“ во 2021 година беше најавен како стратешка агросолна инвестиција која ќе обезбеди струја за град од 30.000 жители и ќе помогне во развојот на енергетиката и земјоделството во земјава бидејќи предвидува под поставените панели да се одвива земјоделско производство.
– Инвестицијата останува да биде агросолна иако е на предел кој има понеквалитетно земјиште – велат претставниците на компанијата.
Инвестицијата ќе се гради етапно и треба да биде завршена за 2 години.
– Убедени сме дека изградбата на соларниот парк ќе го завршиме во 2027 година. Неговата изградба ќе трае од 12 до 18 месеци – изјави Катинка Рамбер, директор на фондацијата на „Акуо“ вчера на презентацијата на проектот на универзитетот во Штип.
Експертите оценуваат дека оваа централа ќе придонесе и на намалување на увозот на електрична енергија.
– Оваа централа е од 400 мегавати и мислам дека ќе биде доволно за еден град со 30.000 до 40.000 жители. Ќе придонесе за снабдувањето и сигурноста на системот во државата, но и за намалување на увозот на електрична енергија, што е и клучно прашање – изјави Славе Ивановски, експерт за енергетска политика.
За периодот на инсталирање на централата, студентите од неколку факултети при штипскиот Универзитет ќе имаат практична настава.
– Студенти ќе бидат вклучени во конкретни активности, и во поставувањето на самиот парк, но и во изградбата на нивните станици – изјави Мишко Џидров, проректор за настава на УГД-Штип.
Штипскиот универзитет беше ангажиран и за подготовка на анализата за тоа кои култури ќе можат да се садат под панелите, бидејќи 50 до 60% од површината треба да биде под земјоделски култури.
Инвестицијата е целосно на француската компанија „Акуо енерџи“ која развива, финансира, гради и управува со електрани од обновлива енергија. Компанијата има инвестиции во ОАЕ, Турција, Индонезија, Луксембург, САД, Уругвај, Хрватска, Полска, Бугарија, Австралија, Доминиканската Република и Монголија.
Изградбата на фотоволтаичната централа на „Акуо“ беше најавена во 2021 година во времето на владата на Зоран Заев како стратешка инвестиција. Требаше да почне да се гради во 2022 година и да биде завршена во 2024 година, но поради низа административни проблеми не почна да се гради во планираното време.