Европската Унија ја користи можноста да го оживее постоечкиот договор со Украина за природните ресурси по расправијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во петокот во Вашингтон.
Трамп силно се трудеше за сопствениот договор со Украина за минерали, но откако неговата прес-конференција со Зеленски отиде во погрешен правец, тој го исфрли лидерот на Украина од Белата куќа, а нивниот нацрт-договор остана непотпишан.
Постои договор меѓу ЕУ и Украина уште од 2021 година
Земјите од ЕУ сега имаат шанса да вдахнат нов живот во нивниот договор од 2021 година за да ѝ помогнат на Украина да ги искористи своите минерални богатства.
Кога ЕУ и Украина првпат го потпишаа своето партнерство за критичните суровини, договорот се сметаше за обид да се обезбедат резерви на ресурси, клучни за транзиција во зелена енергија, истовремено намалувајќи ја големата зависност од Кина за материјали како што се литиумот, кобалтот, природниот графит и ретките минерали.
Гаранцијата за снабдување со ретки минерали може да биде од клучно значење за идната безбедност на ЕУ, особено сега кога европските земји итно бараат да ја засилат одбраната.
Сеопфатната инвазија на Русија врз Украина закочи некои напори, но портпаролот на Европската комисија изјави дека „ЕУ тесно соработува со украинските власти за да го спроведе партнерството“ и дека двете страни напредуваат во спроведувањето.
Двајца се караат, а третиот користи?
Андријан Прокип од Институтот Кенан – тинк-тенк со седиште во Вашингтон, фокусиран на Русија и на поранешниот Советски Сојуз – верува дека јавниот судир на Украина со САД може да оди во корист на ЕУ.
– Киев сега е заинтересиран да промовира соработка со ЕУ која има интерес за минералите во Украина. и исто така ќе му сигнализира на Вашингтон дека има повеќе од еден потенцијален партнер и купувач – рече тој.
Иако Европскаа Унија се обидува да го зголеми домашното производство на критични суровини, ограничените депозити на ретките елементи и реалноста на геологијата во поголемиот дел на ЕУ значат дека блокот никогаш нема да биде самодоволен во снабдувањето со критични суровини. Земјите на Европската Унија се особено зависни од Кина, која сега обезбедува 100% од увозот на ретки суровини во ЕУ, се вели во анализа на Јурактив.
Штотуку најавените заложби на ЕУ за понатамошно зајакнување на одбранбените инвестиции – и алармот поради тоа што администрацијата на Трамп би можела да се откаже од одбранбената посветеност на САД кон Европа – го влошува проблемот со снабдување со критични суровини.
Ретките минерали се од суштинско значење за низа одбранбени апликации и се потребни за производство на сè, од најсовремени ласерски оружја до компоненти за контрола на моторот во авиони и во воени возила, како и за опрема за сателитска комуникација, се вели во извештајот на европската група Фотоник 21.
Од сојузници до конкуренти?
Економистот во тинк-тенк Центарот за економска стратегија со седиште во Киев, Володимир Ланда, истакна дека Украина не е меѓу првите 10 земји во светот со најголеми наоѓалишта на ретки земји. Но, за ЕУ, каква било диверзификација на понудата од нејзината сегашна целосна зависност од Кина може да биде значајна.
Дали ова може да значи дека интересите на ЕУ за обезбедување клучни суровини за производство на оружје, батерии и на друга технологија може во одреден момент да ја доведат Европа во конфликт со САД, предводени од Трамп, кои се чини дека се решени да го максимизираат американскиот профит и – како што Трамп вели – да ја стават „Америка на прво место“?
Барем од правна гледна точка, украинската аналитичарка, Олена Павленко, од тинк-тенкот на „Дикси груп“ во Киев рече дека е мал ризикот за ривалство ЕУ-САД околу рудното богатство на Украина.
– Засега не гледаме никакви ризици кои би можеле да го попречат партнерството Украина-ЕУ или влезот на европските компании на украинскиот пазар – рече таа.
Дури и отфрлениот нацрт-договор со САД експлицитно наведува дека договорот не треба да ја попречува европската интеграција на Украина, истакна Павленко, „и спроведувањето на Законот за критични суровини на ЕУ е дел од процесот на европската интеграција“.
Но, таа сепак призна дека постои ризик повеќе инвеститори, кои се натпреваруваат да ги земат бараните ресурси, да се судрат еден со друг.
Дали Трамп е долгорочно ориентиран кон украинските ретки минерали?
Преговарачкиот стил на ЕУ – кој е бавен, бирократски и ориентиран кон детали – всушност може да биде предност во однос на брзото темпо на администрацијата на Трамп која бргу ги менува приоритетите.
– Ова не е тип на договор што може да се направи за еден ден или за една година. Компаниите, што започнаа порано, ќе имаат добар почеток –рече Ланда.
Во оваа смисла, Европа е 3 години пред САД.
Дури и откако ќе се потпишат договорите, странските компании, заинтересирани за инвестирање во Украина, сепак ќе мора да го поминат вообичаениот процес на регистрација пред да започнат со градежните работи. Тоа значи дека за големи проекти, што почнуваат од ништо, односно се без претходно постоечка инфраструктура – како, на пример, рудник за ретки метали – може да требаат години да се изградат и да станат оперативни.
– Мислам дека Трамп не е многу долгорочно ориентиран во овој поглед – вели аналитичар од Киев за Јурактив.
И покрај јавната расправија со Зеленски, Трамп навести дека сè уште може да очекува да го затвори договорот за ретки минерали со Украина во објава на неговата платформа „Трут сошал“. Во исто време, американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, потврди дека договорот засега е надвор од маса.
Комисијата, сепак, се чини дека не е загрижена дека ќе му се меша на Трамп.
На прашањето дали ЕУ ќе бара дополнителен договор за минерали со Украина за да го спречи можниот договор со САД, портпаролот на Комисијата изјави дека „иницијативата на ЕУ е за соработка со Украина, а не за конкуренција со САД“.
– ЕУ стои со Украина и ќе продолжи да го прави тоа бидејќи Украина се бори за безбедноста на целиот наш континент – додаде портпаролот.
ЕУ ѝ нуди подобар договор за ретки минерали на Украина?
Актуелниот договор ЕУ-Украина има за цел не само да ѝ обезбеди на европската индустрија дел од ретките минерали, туку и ЕУ да ѝ помогне на Украина да ја развие својата индустрија за екстракција, како и други клучни делови од синџирот на снабдување.
– Има два проекта, поддржани од ЕУ во рамките на договорот, еден за ископ на титаниум, а друг за подобрување на ефикасноста на техниките за екстракција и преработка – изјави претставник на ЕУ за Јурактив.
Постигнат е напредок и во дигитализацијата на геолошките извештаи и во други напори за лоцирање на потенцијалните наоѓалишта.
Истиот функционер додаде дека Европската банка за обнова и развој издала грант од 6 милиони евра за развој на стратегија за ниско ниво на јаглерод за екстрактивниот сектор на Украина и за идентификување на понатамошни проекти за ископување ретки минерали.
– Веќе имаме голем број проекти кои би можеле да се наречат европски, од кои некои би можеле да бидат во функција од март – рече потпретседателот за просперитет и за индустриска стратегија на Европската комисија, Стефан Сежурне, на прес-конференција во средата, непосредно по враќањето од средбата со украинските власти во Киев, но пред кобното патување на Зеленски во Вашингтон.
За време на неговата посета на Киев, Сежурне се обиде да ја потврди посветеноста на ЕУ и да ја забрза работата со договорот што тој го нарече „победа за Украинците“.
Во Украина, локалните експерти, исто така, ги истакнаа потенцијалните придобивки од договорот за минерали со ЕУ.
– Украина е заинтересирана за сите земји кои се заинтересирани Украина да победи – потенцира Ланда кој е украински економист.
Поголемите западни инвестиции во Украина би можеле да имаат и можни стратешки придобивки. Ланда тврди дека Русија „веројатно ќе ја преиспита“ својата тековна агресија доколку европски индустриски постројки се градат на територијата на Украина.