Во текот на февруари, полицијата спроведе засилени сообраќајни контроли низ државата, при што беа изречени вкупно 23.844 казни за разни прекршоци, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Најголем број од санкциите дури 7.473 биле изречени за возење со брзина поголема од дозволената. Покрај тоа, од сообраќај биле исклучени 2.059 возачи кои управувале возило без возачка дозвола, како и 617 возачи затекнати под дејство на алкохол.
„Контролите покажаа загрижувачки број на прекршоци, особено во однос на брзото возење, алкохолот и управувањето без возачка дозвола. Ќе продолжиме со засилените контроли и во наредниот период“, велат од МВР.
Од другите санкции, 1.508 казни биле изречени за некористење сигурносен појас, 766 за користење мобилен телефон при возење, а санкционирани биле и 475 пешаци. Најголем број на пријави – 5.746 – се однесуваат на непрописно паркирање.
Во рамки на контроли извршени само за време на изминатиот викенд (1-2 март), полицијата изрекла 1.278 казни, од кои 238 за пребрзо возење, 144 за алкохол и 126 за управување без возачка дозвола.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и да придонесат за зголемена безбедност на патиштата.