Во моментов има 3 типа на вируси кои предизвикуваат грип, но ниеден не е специфичен или поопасен од вообиаченото

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Во моментов има 3 типа на вируси кои предизвикуваат грип, но ниеден не е специфичен или поопасен од вообиаченото, тврди директорот на Клиниката за физикална медицина и рехабилитација во Скопје и портпарол на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ.

Од друга страна, пак, на социјалните мрежи врие од коментари од граѓани кои се жалат дека грипот бил многу пострашен и поопасен дури и од коронавирусот.

„Јас имам двапати прележано коронавирус, но овојпат со големи маки го прележав грипот. Со денови ме држеше висока температура, бев пресреќен кога ќе се симнеше под 38 степени. Ме болеше секој мускул и секоја коска на телото. Не можев да се соземам од кашлање, а да не зборуваме за тоа колку бев изнемоштен. Да биде бељата поголема, истовремено се грипосаа и сопругата и синот. Сите бевме како покосени. Син ми, кој има 19 години, дури се онесвести во ходникот од превисока температура. Пак ќе кажам, грипот е многу пострашен од короната, луѓето нека се чуваат“, напиша средовечен скопјанец на Фејсбук.

Претходно, директорката на Институтот за јавно здавје, Марија Андоновска, појасни дека мутациите на грипот не треба да загрижуваат бидејќи тоа е нормално за сезонските грипови.

– Вирусите постојано мутираат и тоа не би требало да нѐ загрижува, но бара редовно ажурирање на составот на вакциите. Вирусот има ненадеен почеток со висока температура која трае 3 до 5 дена. Покрај познатите симптоми, надразнителна кашлица, висока телесна температура и болки во мускулите, се забележуваат и зголемени лимфни јазли на вратот и на другите делови од телото. Апелираме, дококу симптомите се влошат, пациентите да побараат лекарска помош – истакна Андоновска.

Таа потенцира дека покрај грипот оваа сезона се детектирани и други респираторни вируси кои се својствени за овој период од годината.

Мехмедовиќ појаснува дека отекувањето на лимфните јазли е нормална реакција на организмот во борбата против вирусите и е еден од карактеристичните симптоми на грипот.

Од 17 до 23 февруари се пријавени 3.035 случаи на групни пријави за заболени од грип – заболувања слични на грипот, за 11,3% повеќе во споредба со претходната недела, според информациите од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Пријавен бил еден смртен случај, асоциран со грип во овој период.

- Advertisement -
Ad image

– Се работи за лице на возраст од 78 години од Скопје, кое било хоспитализирано во УК за пулмоалергологија. Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип. Кај починатото лице, лабораториски е потврдена Influenza А(H3) – појаснија од ИЈЗ.

Од новозаболените, 1.697 лица се на возраст од 15 до 64 години. Деца се 712, на возраст од 5 до 14 години, а 375 се деца на возраст до 4 години. Над 65 години се 251 лице.

Заболените се пријавени од 28 ЦЈЗ/ПЕ, Скопје – 620, Куманово – 374, Битола – 306, Тетово – 176, Струмица – 174, Кавадарци – 143, Штип – 137, Велес – 130, Гостивар – 126, Дебар – 119, Свети Николе – 108, а во останатите, бројот на заболени е еднаков или помал од сто.

- Advertisement -
Ad image

Во текот на оваа недела, во 3 извештајни единици се регистрира многу ниска, во 3 – сезонска, во 10 – средна, во седум – висока, а во Дебар, Ресен, Кавадарци, Кратово и Свети Николе – многу висока активност на вирусот на грип.

Вкупниот број случаи на грип и слични заболувања во сезоната 2024/2025 изнесува 17.375, посочуваат од ИЈЗ. Споредено со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 36,4%, а во однос на моделот од последните 14 сезони, се регистрира зголемување од 12,3%. Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани биле 3 починати лица асоцирани со грип.

Од ИЈЗ нагласуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Заклучно со осма недела, во Република Северна Македонија вакцинирани се вкупно 72.293 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.

Share This Article