Мандарините што хрватските власти ги вратија во периодот од 29 ноември до 11 декември 2024 година поради присуство на опасни пестициди не биле уништени, туку завршиле на локалниот пазар.
Обвинителството во Берат спроведе истрага за овој случај, по што денеска беа приведени три лица – земјоделец, администратор на откупен центар и инспектор од подрачната ветеринарна управа. Според обвинителството, тие се товарат за кривични дела поврзани со злоупотреба на службена должност, измама со прехранбени производи и повреда на правила за отровни материи.
Според медиумите, мандарините биле вратени и од Чешка, Италија и Литванија бидејќи содржеле остатоци од хлорпирифос и фосмет – пестициди кои можат да предизвикаат сериозни здравствени последици, особено кај децата. Анализите покажале дека нивото на пестициди било од три до 12 пати над дозволеното според европските регулативи.
Албанското овошје и зеленчук често завршува на пазарите во соседните земји, вклучително и во пограничните косовски и македонски населени места.