„Тоа не е точно“.
Ваков беше одговорот на претседателот на САД, Доналд Трамп, во однос на написите во медиумите дека САД ќе ја затворат воената база во грчкиот град Александруполи, откако претходно се консултираше со државниот секретар, Марко Рубио, и државниот секретар за одбрана, Пит Хегсет, јави дописничката на МИА од Атина.
За време на средбата со претседателот на Франција, Емануел Макрон, Трамп беше прашан и за американската воена база во Александруполи, меѓутоа за одговор на прашањето со обрати до Рубио, кој од своја страна, според грчките и американските медиуми, се обратил до Хегсет, по што следеше и демантот.
Грчката новинска агенција АНА-МПА, објави дека информациите ги демантирал и официјален претставник на американското Министерство за одбрана, кој за „Брејтбарт нуз“ појаснил дека „во Александруполи нема американска база бидејќи тоа е грчки објект до кој САД имаат пристап според Договорот за меѓусебна одбранбена соработка“ и дека служи како „копнен транспортен центар кога американската опрема влегува и излегува од Европа“.
Според грчките медиуми, конкретната вест за затворање на американската база во Александруполи била објавена од неделното издание на конзервативниот весник „Димократиа“, како и од руската новинска агенција ТАСС.
„Димократиа“ коментираше дека „одлуката на Трамп да го прекине военото присуство во Александруполи е по заедничкото барање на претседателот на Русија, Владимир Путин, и на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган“.