Поранешниот германски фудбалер Месут Озил е назначен за еден од 39-те нови членови на извршниот одбор на Партијата на правдата и развојот (АКП) на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува „Франс прес“.
Озил (36), кој е роден во Гелзенкирхен и има 92 настапи за германската фудбалска репрезентација, беше избран на партискиот конгрес во Анкара. Освен во извршниот одбор, тој станува и еден од 75-те членови на Централниот комитет за одлучување и управување – највисокото партиско тело.
Пријателството меѓу Озил и Ердоган датира од 2010 година, а турскиот претседател беше и кум на свадбата на фудбалерот во 2019 година. Озил во изминатите години јавно ја поддржуваше политиката на Ердоган, што доведе до контроверзии во Германија, особено по Светското првенство во 2018 година, кога објави дека се повлекува од националниот тим поради, како што тврдеше, расистички напади врз него.