Украинскиот претседател, Володимир Зеленски денеска, по повод третата годишнина од почетокот на војната во таа земја, му порача на украинскиот народ дека е горд на херојството што го покажаа за време на конфликтот.
Зеленски во објава на Х, изрази гордост и благодарност до сите кои ја бранат и поддржуваат државата.
„Три години отпор. Три години благодарност. Три години апсолутно херојство на Украинците. Горд сум на Украина!“, напиша Заленски.
Тој им се заблагодари на „сите што ја бранат и поддржуваат“ Украина, додавајќи дека Украина се сеќава на оние кои ги загубија животите бранејќи ја земјата.
Претходно утринава претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста пристигнаа во Киев.
„На третата годишнина од бруталната инвазија на Русија, Европа е во Киев. Денеска сме во Киев, бидејќи Украина е Европа. Во оваа борба за опстанок, не е во прашање само судбината на Украина. „Ова е судбината на Европа“, рече Фон дер Лајен во објава на мрежата X.
Денеска се одбележува третата годишнина од почетокот на војната во Украина, а наскоро се очекува да продолжат руско-американските преговори за ставање крај на војната, во која Украина и ЕУ не се вклучени.
Во Киев денеска се одржува самит посветен на одбележувањето на третата годишнина од почетокот на војната во Украина, а на самитот ќе учествуваат вкупно 37 државни лидери, што претседателот Зеленски го нарече „пресвртница“.