Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека Русите извршиле повеќечасовен напад врз неколку области, а главниот град Киев бил посебно на удар со дронови „Шахед“.
– Руски дронови продолжуваат да се приближуваат до Киев. Силите за противвоздушна одбрана повторно дејствуваат во Оболон – соопшти ноќеска градоначалникот на главниот град Виталиј Кличко, повикувајќи ги граѓаните да се засолнат.
Според градските власти во Киев, остатоци од руски дрон биле пронајдени и во Националната ботаничка градина Гришко. Остатоци од руски беспилотни летала се откриени и во неколку градски области, вклучувајќи ги Соломенски, Печерски, Голошеевски и Дарницки, соопшти украинската војска.
Едно лице загина, а четворица се повредени во руски ракетен напад врз Криви Рог, од кои еден е во критична состојба, објави шефот на градската Воена управа Олександр Вилкул, пренесува Укринформ.
– Засега е потврдена смртта на едно лице, додека четири се повредени, а едно е во тешка состојба. Според првичните податоци, оштетени се 12 станбени згради, објект на цивилна инфраструктура, социјални и индустриски објекти, како и неколку возила – изјави Вилкул.
Службите за итни случаи и локалните власти веднаш реагираа, формиран е кризен штаб за помош на населението, а погодените граѓани можат да аплицираат за привремено сместување.